Мила Ристовска: МВП наградата е дополнителен мотив за остварување на соништата

328

Кадетската екипа на ЖРК Вардар зад себе имаше извонредна сезона, во која успеа да ја одбрани титулата на завршниот Ф4 турнир во Битола, покажувајќи уште еднаш дека клубот одлично работи со младинските категории. Под водство на Даниела Вељаноска, во чиј стручен штаб се и Александра Кузмановска и Вероника Ѓорѓиевска, младите вардарки во Битола одиграа како по ноти.

За најкорисен играч, односно МВП на Ф4 турнирот, беше прогласена вардарката Мила Ристовска. Стружанката одигра одлично на двата натпревари, а МВП признанието беше само потврда за нејзиниот квалитет. Во разговор за Спортска Димензија, Ристовска, која настапува и за младинскиот тим на Вардар, ги сподели впечатоците од настапот на Ф4 турнирот и патот до титулата.

„Од почетокот на оваа сезона напорно работевме. На секој тренинг бевме сè поуиграни и со подобра кондиција, и сето тоа го пренесовме на теренот. Впечатоците по одбраната на титулата се одлични, на двата натпревари сите го дадовме својот максимум. Имавме добра игра и одлични резултати во цела сезона. Од стартот на сезоната нашата главна цел беше да ја одбраниме титулата освоена минатата сезона, па среќни сме и горди што ја остваривме зацртаната цел.“

Вардарки сезоната ја завршија без пораз и без загубен бод. Во својата група за ривали ги имаа екипите на Делчево Вардар, Куманово, Овче Поле СУ и градскиот ривал Металург Автокоманда, кој важеше за најголем конкурент на „црвено-црните“ во групата.

„Уште од првиот натпревар бевме мотивирани да дадеме сè од себе за да резултатот биде во наша корист. Секоја победа ни даваше уште поголем мотив на следниот натпревар да бидеме уште подобри. Воопшто не беше лесно да се игра против градскиот ривал Металург Автокоманда, но на двата натпревари имавме подобра игра и успеавме да ги победиме убедливо.“

На Ф4 турнирот во Битола, Вардар прво славеше во полуфиналето против Пелистер, а потоа во финалето убедливо ја победи Стружанка.

„Ниту еден од ривалите не беше за потценување. На двата натпревари влеговме цврсто, нашата одбрана беше клучна за двете победи, а со добрата реализација во напад резултатите беа во наша корист. За мене, ова е прва индивидуална награда и среќна сум што бев избрана за МВП. Но, ова е само убав почеток и огромна мотивација да тренирам напорно за да си ги остварам соништата.“

ФОТО: Сашо Ристевски

Нејзината улога не се сведува само на носење на капитенската лента – таа е гласот на тимот, мотиватор и пример за своите соиграчки.

„Задоволство ми е што сум капитен на една ваква екипа, и сум благодарна што ми ја дадоа довербата. Оваа улога за мене претставува голема мотивација, бидејќи секогаш се трудам меѓу нас да владее добар тимски дух и спортска атмосфера. Како капитен, некои од моите обврски се добро загревање и краток разговор со тимот на противничката екипа.“

Ристовска настапува на позицијата среден бек.

„Како среден бек, играч што ја води играта, моја предност е прегледноста на теренот и можноста да организирам успешно реализирани напади. Напорно тренирам и со тек на времето се надевам дека ќе напредувам уште повеќе.“

Да се биде дел од клуб како Вардар е голем поттик за секоја млада ракометарка. Идолите ѝ служат како инспирација, а Лигата на шампионите е сон што ја води напред.

„Сите млади спортисти имаат личности на кои се огледуваат. Во ракометот има многу успешни играчи и од секој од нив се обидувам да извлечам по нешто. Вардар е големо име во Македонија, но и низ Европа, и затоа сум среќна што сум дел од ваков клуб. За секоја млада ракометарка сон е да игра во најпрестижната ракометна лига – Лигата на шампионите. Па и за мене тоа е сон кој се надевам дека ќе го остварам во иднина.“

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT