Амбициозниот Тиквеш, кој изминатиот викенд беше елиминиран во Европскиот Куп од грчката Драма, вечерва во Кавадарци ја запиша првата сезонска победа во Супер лигата, откако триумфираше против Куманово со 36:25 (15:10). Кавадарчани во претходните две кола освоија само бод, оној против Пролет, додека на натпреварот со Еурофарм Пелистер очекувано беа поразени.
Најефикасни во победничката екипа беа Дарио Кофиловски, Димитар Коцев и Аби Обина, сите тројца ракометари постигнаа по пет погодоци. Во поразениот табор Давид Димевски и Бразилецот Чиао Винисиус, исто така, погодија по пет пати.
Куманово во следното коло на свој терен против Струга ќе атакува на првите бодови во новата сезона. Тиквеш за следен ривал го има Охрид, тим кој одлично ја започна сезоната и моментално е со максимален ефект.