Тимот на Вардар не успеа да се израдува на втората победа во групната фаза во Лигата на Европа, откако на свој терен беше поразен од Порто со 26:22 (10:12). За Порто, кој претходно ремизираше со Валур, а во првото коло од групната фаза загуби од Мелсунген, ова беше прва победа. Двете екипи имаа свои моменти, подеми и падови, но португалскиот тим подобро се снајде во последниот период од натпреварот. Вардар останува на два бода, оние кои што беа освоени во натпреварот со Валур, па така избраниците на Владо Недановски во следното коло, пак против Порто, но овојпат во Португалија, ќе атакуваат на втора победа, со која би останале во игра за пласман во следната фаза.
Најефикасен во редовите на Вардар беше Хансер Родригез со четири погодоци, а по три имаа Гоце Георгиевски, Младен Крсманчиќ и кружниот напаѓач Милан Лазаревски.