Утре во Струмица стартуваат полуфиналните дуели од Ф4 турнирот во машка конкуренција, додека дамите своите полуфинални натпревари ќе ги одиграат в сабота. Финалето, и во машка и во женска конкуренција, е закажано за 19 април (недела).
Меѓу учесниците кај дамите е и Пелистер, кој по вторпат во својата историја обезбеди пласман на завршниот турнир. За битолскиот состав, самиот влез во ТОП 4 претставува голем успех.
Пелистер е една од најмладите екипи во елитното домашно натпреварување, а истиот ростер настапува и во младинската лига. Токму со тој состав битолчанки стигнаа и до Ф4 во Купот, елиминирајќи ги Стружанка и Куманово.
Во полуфиналето, Пелистер ќе се соочи со актуелниот освојувач на Купот, екипата на Ѓорче Петров.
„Ќе се обидеме да се претставиме во најдобро светло и да го одиграме договореното. Свесни сме дека против себе имаме далеку поквалитетен ривал, кој ја има фаворитската улога, а ние влегуваме растеретено и ќе се подготвиме максимално, како и за секој натпревар“, порачаа од битолскиот табор.
Битолчанки вечерва имаа првенствен натпревар во Куманово, храбро се бореа на гостинскиот терен, но беа поразени со три гола разлика, 27:24.
Екипите на Спартак и Чаир ќе играат во второто полуфинале, а победниците од двата полуфинални дуели ќе се борат во финалето на 19 април.
РАСПОРЕД:
18 април
17:00 – Пелистер – Ѓорче Петров
20:00 – Спартак – Чаир
Финалето на 19 април е закажано за 17:00 часот.