Екипата на Еурофарм Пелистер беше поразена во полуфиналето од Купот на Македонија од Охрид со 26:19, со што битолчани си заминуваат дома, додека охриѓани остануваат во Струмица, каде што во финалето ќе играат со подобриот од дуелот меѓу Алкалоид и Вардар.
Избраниците на Стевче Алушовски одиграа далеку под своето ниво, особено во првиот дел, кога тешко доаѓаа до позиција за погодок.
Иако на моменти се подобрија во вторите 30 минути, тимот на Охрид знаеше како да ја зголеми предноста, па без поголеми проблеми стигна до посакуваниот триумф.
Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, не го криеше разочарувањето од поразот.
„Мислам дека самите сме виновни за овој пораз. Навистина боли. Пелистер секогаш оди на победа на секој натпревар, но денес имавме лош настап. Сега треба да бидеме фокусирани за останатиот дел од Супер лигата, да се бориме до крај и да одиграме како што знае Пелистер.“