Денеска на програмата кај прволигашите се одиграа четири натпревари, а најнеизвесно беше во Кисела Вода, каде што Драчево Јуниор успеа да освои бод против Младост Богданци (27:27).
Иако гостите водеа речиси 55 минути и на полувреме имаа предност од 16:11, домаќините успеаја да се изборат за голем бод, со голот на Димитар Петковски на три минути пред крајот.
Од Младост преку социјалните мрежи упатија критики кон судиите и најавија дека во текот на следната недела ќе донесат официјална одлука дали ќе го продолжат првенството.
До крајот на сезоната преостануваат уште 3 кола, а засега Младост е на лидерската позиција со 39 бода. Бод помалку има Мулти Есенс, кој утре ќе игра против Партизан Гевгелија, додека Драчево Јуниор е на 34 бода.
Првопласираниот обезбедува директен пласман во елитата, додека второпласираниот ќе игра суперлигашки бараж против Струга.
,,Нашиот тим денес одигра само нерешено во Скопје против РК Драчево. Иако во целиот натпревар нашиот тим ја имаше контролата на натпреварот по неколку сомнителни студиски одлуки во текот на мечот особено во последните 15 секунди кога домакините ја изгубија топката и од страна на судиската двојка беше досуден непостоечки прекршок за домакините и со тоа беше спречена чиста наша контра за гол и победа. РК Младост 1977 сите овие години работи чесно градејќи го тимот со многу вложување и многу работа освен во сениорите и во младите категории во Југоистокот и нема да дозволи во ниту еден случај да биде дел од оваа денешна голема неправда. Се надеваме дека РФМ ќе проработи на оваа денешна неправда, а РК Младост 1977 во текот на следна недела ќе донесе и официјална одлука дали воопшто ќе го продолжи првенството понатаму”, стои во соопштението на клубот од Богданци.