Македонскиот интернационалец Михаил Иваноски одлучи да остане во Словенија, но таму ќе има нов клуб, откако се договори на едногодишна соработка со некогашниот тамошен шампион Горење од Велење.
Охриѓанецот во вториот дел од оваа сезона направи трансфер од Алкалоид во тимот на Ајдовшчина, клуб кој во зимската пауза го презеде македонскиот стратег Раде Стојановиќ, и беше дел од големиот успех на овој клуб.
Ајдовшчина по 30 години се врати во словенечката елита, а десниот бек со своите одлични настапи го привлече вниманието на неколку словенечки клубови, а на крајот одлучи да ја прифати понудата од Горење.
23-годишниот Иваноски во Македонија, освен за Алкалоид, настапуваше и за екипите на Мулти Есенс, Охрид и Голден Арт, а во странство беше дел и од српскиот суперлигаш Дубочица.
Горење во својата клупска историја бил пет пати првак на Словенија, освоил три Куп титули, четири Супер Куп титули, а на европска сцена има настапи во сите натпреварувања – меѓу кои и во европската елита.