Иако РК Струга требаше да се пресели во понизок ранг, односно во Првата лига, откако го загуби бараж дуелот од Младост Богданци, сепак, по повлекувањето на Пролет од Супер лигата, стружани добија нова шанса и остануваат дел од најквалитетното домашно натпреварување, дознава Спортска Димензија.
Во Струга веќе се подготвува нов проект. Клубот има нова управа, а во периодот што следува се очекува да бидат претставени и новите засилувања, како и новиот тренер. Во меѓувреме, клубот остана без неколку млади играчи.
Филип Мечкароски, најдобриот асистент од минатата сезона, се пресели во редовите на Куманово, а заедно со него потпиша и искусното крило Наум Костов. Талентираниот Војо Клењоски, кој беше прв стрелец во пионерската лига со 150 погодоци ќе настапува за Мулти Есенс.