Екс репрезентативка на Македонија ја заврши кариерата

102

Една од најдобрите и најталентирани голманки во македонската Супер лига, Симона Грујовска, која честопати натпреварите ги завршуваше со двоцифрен број интервенции, одлучи да стави крај на својата ракометна кариера.

Грујовска последниот клупски ангажман го имаше во Куманово, а во вториот дел од сезоната зад нас доживеа повреда, по која следуваше пауза од терените. Во меѓувреме, во текот на овој период, одлучи да стави крај на активното играње ракомет, иако секој суперлигаш би ја посакал во своите редови.

Младата голманка потекнува од школата на Вардар, а токму во „црвено-црниот“ дрес во 2019 година стигна до голем успех. Тогаш на Ф4 турнирот од Купот на Македонија, одржан во Куманово, Грујовска беше прогласена за најдобар голман, а со Вардар го освои сребрениот медал.

Во својата кариера двапати го носеше дресот на Куманово. Во сезона 2022/23 со кумановскиот тим го освои Купот на Македонија, а настапуваше и за Металург Автокоманда, клуб кој повеќе не постои.

Грујовска на репрезентативно ниво бранеше за кадетската и младинска репрезентација на Македонија на ЕХФ шампионатите и беше и дел од поширокиот список на сениорската репрезентација, што дополнително говори за потенцијалот кој го поседуваше.

Сега, сепак, и покрај годините пред неа и потенцијалот за уште многу успешни сезони, одлучи да стави точка на својата ракометна приказна и да се посвети на професионален план.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT