Кадетскиот репрезентативец на Македонија, Лука Јовиќ, кариерата ќе ја продолжи во редовите на Бутел. Талентираното десно крило во тимот предводен од Стојанче Стоилов пристигна од Пролет, клуб со кој минатата сезона ја освои шампионската титула во кадетската конкуренција.
Јовиќ зад себе има одличен период исполнет со настапи на младински натпреварувања и со континуиран напредок. Со Македонија настапи на неодамнешното Европско кадетско првенство во Србија, на кое нашата репрезентација го освои деветто место. Беше дел и од кадетската репрезентација на ЕМОФ во Скопје, Светското првенство во училишен ракомет, исто така во Скопје, и Медитеранското првенство во Словачка.
Покрај шампионската титула со Пролет, Јовиќ има освоено и некоку медали во младинските категории и со својот претходен клуб Голден Арт. Во периодот поминат во Пролет, покрај настапите во младинските категории, тој добиваше можност да стекнува искуство и во најквалитетното домашно натпреварување.
Преминувањето во Бутел претставува нова можност за младиот ракометар да продолжи да се развива и да добива поголема улога во сениорскиот ракомет. Промената на средината доаѓа и во период кога Пролет се откажа од настап во Супер лигата, што дополнително придонесе за одлуката Јовиќ да ја продолжи кариерата во тимот на Стоилов.
Тој веќе го имаше и своето деби за новиот клуб, настапувајќи на вечерашниот натпревар против Прилеп во второто коло од струшкиот турнир. Бутелци на првиот натпревар во Струга беа поразени со 31:29, а Јовиќ натпреварот го заврши со седум погодоци, четири од нив беа од пенал.
Во дресот на Бутел дебитираа и Трајче Костов, Марко Богдановски, Кристијан Стаменковиќ, Градимир Чаневски…
Бутел и во новата натпреварувачка сезона ќе се потпира на млади и перспективни ракометари, желни за докажување и афирмација, а Јовиќ се вклопува токму во таквата визија.