Беше МВП кај кадетите, најдобар стрелец кај младинците: Новиот прволигаш доби големо засилување

2

Некогашниот МВП од кадетскиот Ф4 (2022), средниот бек Петар Цветковски, кој пред неколку сезони беше и најдобар стрелец во младинската лига, го засили новиот прволигаш Илинден. Двете страни пред неколку дена се договорија на соработка, па Цветковски во новата сезона ќе има задача со својот квалитет да му помогне да дебитантот во прволигашката конкуренција.

Цветковски во првиот дел од минатата сезона настапуваше во редовите на Тиквеш, а претходно го носеше дресот и на Радовиш и Бутел. Тој потекнува од школата на Илинден Вардар, каде што ги направи првите ракометни чекори, но својата афирмација ја стекна во дресот на Бутел, со кого настапуваше во младинските категории, но и во Супер лигата.

Организаторот на играта во тимот на Дарко Јанев, тренер со кого соработуваше во Бутел и со кого ја освои титулата во кадетската лига во сезона 2021/22, со себе носи суперлигашко искуство, кое би требало да биде од голема корист за новиот прволигаш.

Во сезона 2023/24, тогаш како член на Бутел, имаше одлични настапи во младинската лига, во која заврши како најдобар стрелец. Средниот бек со својата игра, креативност и искуство би требало да биде еден од носителите на играта на Илинден во дебитанската сезона.

Во Илинден ќе настапува и Наум Симјановски, кој беше прогласен за најдобар голман на кадетскиот Ф4 во 2022 година, додека клубот во меѓувреме го договори и левото крило Иван Најдовски.

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT