Една од најталентираните млади ракометарки во Македонија, Ангела Шехтанска, во новата сезона ќе настапува за Атлетик, кој ќе биде дебитант во најквалитетното женско домашно натпреварување.
Шехтанска во Атлетик пристигнува од Куманово, клуб со кој минатата сезона го освои 4. место во Супер лигата. Средниот бек имаше одлична сезона и во младинската конкуренција, каде што заврши како најдобар стрелец со 63 погодоци на седум одиграни натпревари.
Станува збор за ракометарка која се одликува со силен и прецизен шут, а покрај реализацијата, може да придонесе и со својата креативност и организација на играта. Зад себе има и освоена титула во кадетската лига како членка на Вардар во сезона 2023/24, кога беше една од најзаслужните за освојувањето на првото место на „црвено-црните“, но и титула во младинската лига.
Средниот бек во 2023 година, поради повреда, го пропушти Европското кадетско првенство, а истата година блескаше во кадетската лига. Сезоната ја заврши како најдобар стрелец кај кадетките со дури 147 погодоци.
Со своите настапи во изминатите сезони, Шехтанска го потврди потенцијалот и во дресот на Атлетик ќе има можност да направи нов чекор во својата кариера.