По пет одиграни кола во Првата лига во женска конкуренција, Овче Поле Славјански Универзитет се наоѓа на лидерската позиција со максимален ефект од пет победи на пет натпревари, од кои една е службена.
Клубот од Свети Николе веќе втора сезона по ред е дел од прволигашката конкуренција, а минатата сезона ја заврши на третото место. Овче Поле Славјански Универзитет имаше можност да се пресели во Супер лигата по откажувањето на Куманово, но поради веќе формираниот тим и однапред направените планови, раководството одлучи и понатаму да се натпреварува во Првата лига.
На четирите одиграни натпревари против Шампион, Астибо, Струга и Јехона, Овче Поле Славјански Универзитет прими само 72 гола, што доволно говори за одличното издание на одбраната и голманките на тимот од Свети Николе. Во следното, 6. коло, Овче Поле Славјански Универзитет ќе биде слободен, додека во 7. коло го очекува дуел со Гевгелија Југ, екипа која досега освои шест бода на четири одиграни натпревари.
Засега, некогашниот суперлигаш се движи по сличен пат како и минатата сезона, а покрај водечката позиција на табелата со 10 бодови, го има и (засега) најдобриот стрелец во првенството. Станува збор за Анастасија Сентовска, која минатата сезона ја заврши како најдобар стрелец, а одличната форма ја продолжува и во новата натпреварувачка сезона.
Сентовска на четири одиграни натпревари постигна 44 погодоци, односно во просек по 11 гола на натпревар. Меѓу петте најдобри стрелци во првенството се наоѓа и нејзината соиграчка Јована Ангеловска, која во досегашниот тек од сезоната запиша 27 погодоци.