Викендов беше комплетирано 5. коло во пионерската машка лига, во кое три екипи се со максимален ефект. Тоа се Еурофарм Пелистер од групата А, како и Младост од Богданци и Гемиџи од групата Б.
Младост, кој чекор по чекор им дава шанса на своите најмлади ракометари и на сениорско ниво, има причина за задоволство. Избраниците на Далибор Лукиќ и Никола Роглев сè уште немаат загубено бод во пионерската конкуренција – триумфираа на сите пет досегашни натпревари.
Викендов, на гостувањето кај Илинден Вардар, младите ракометари на Младост славеа со 25:16. Предводници во победничкиот тим беа Матеј Митев (11 гола) и Антонио Каракабаков (седум гола). Митев на листата на стрелците се наоѓа на третото место со 41 гол, додека Каракабаков е четврти со 39 погодоци. Двајцата настапуваат и за кадетскиот тим на Младост, каде што Каракабаков има постигнато 51 гол, додека Митев досега успеал да погоди 34 пати.
Како што веќе споменавме, освен во пионерската конкуренција, тимот на Младост има пријавено екипа и во кадетската лига. По шест одиграни натпревари, кадетскиот тим на клубот од Богданци има биланс од две победи, едно реми и три порази, што засега е доволно за четвртото место во групата Б.
Еден од талентите на Младост, десното крило Стојан Иванџиков, кој доби шанса на натпреварот против вицепрвакот Еурофарм Пелистер во рамките од 8. коло во Супер лигата, на шест одиграни натпревари кај кадетите постигна 62 гола, односно во просек постигнувал над 10 гола по натпревар.
Младост, освен во Богданци, има своја ракометна школа и во Дојран, со што дополнително ја проширува својата работа со најмладите и придонесува за развојот на младите таленти.