Во 8. коло од младинската ракометна лига, најнеизвесно беше во Битола, каде што Еурофарм Пелистер 2 и вицешампионот Бутел Скопје одиграа нерешено, 31:31.
Домашниот тим имаше предност во поголемиот дел од првото полувреме, во кој резултатот во десет наврати беше изедначен, и на пауза замина со предност од четири гола разлика, 19:15.
Во вториот дел се водеше изедначена борба, во која секој гол беше важен и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од неизвесниот дуел. Гостите беа во подобра позиција во финишот и на нешто помалку од три минути до крајот имаа предност од 31:29.
Андреј Дамчевски намали од пенал на 31:30, а во следниот напад Бутел не успеа да реализира, откако Лука Јовиќ ја погоди стативата од домашниот гол. Домаќините, на 30 секунди пред крајот, погрешија во обидот да стигнат до изедначување, но имаа среќа што и гостите не го искористија својот напад и не беа целосно фокусирани во финишот.
По грешката на Еурофарм Пелистер 2, Бутел тргна во својот последен напад. Сè беше добро направено за гол, но ударот на Лука Јовиќ го одбрани неговиот репрезентативен колега Мелин Фехми. Останаа уште петнаесетина секунди, во кои домаќините се изборија за пенал, кој Дамчевски успешно го реализираше за конечни 31:31.
Најефикасен на натпреварот беше токму Андреј Дамчевски со 12 погодоци. Во редовите на Бутел се истакна Трајче Костов со 11 гола, додека Петар Николоски и битолчанецот Архангел Трсунов погодија по осум пати.
За Еурофарм Пелистер 2 ова е втор натпревар во низа без пораз, откако во претходното, 7. коло, убедливо го совлада Алкалоид со 40:19. Бутел, пак, и по ремито останува лидер на табелата. Вицешампионот, кој во досегашниот тек од сезоната нема пораз, сега има 15 бода на свое конто. Еурофарм Пелистер 2 е на четвртата позиција со девет бода, зад Вардар, кој има 12, и актуелниот шампион Мулти Есенс (засега второпласиран) со 14 бода.