Еден од најталентираните играчи во кадетската конкуренција, средниот бек на РК Преспа, Виктор Ѓорѓиевски, прв стигна до „стотката“ во сите категории (сениори, младинци, кадети и пионери) за оваа натпреварувачка сезона.
Преспа во натпревар од 8. коло од кадетската конкуренција гостуваше во Прилеп кај истоимениот тим, а по големата борба, бодовите останаа кај домаќините, кои триумфираа со 35:32.
Најмногу погодоци на натпреварот постигна токму Виктор Ѓорѓиевски, кој реализираше дури 14 пати и со денешната одлична партија ја надмина границата од 100 гола.
Ѓорѓиевски по осум одиграни кола има вкупно 104 погодоци зад своето име, односно во просек по 13 гола на натпревар, што е навистина одличен учинок.
Добрите настапи на Ѓорѓиевски не останаа незабележани, па членот на Преспа доби повик за настап за пионерската репрезентација на првиот турнир од Регионалната лига.
Иако има играчи кои настапуваат во повеќе категории и веќе ја надминале границата од 100 гола, Ѓорѓиевски е првиот што го достигна овој учинок кога станува збор за сите четири категории заедно.