Андоновски против екс-клубот: Може ли Младост в недела до прва сезонска победа?

35

Во натпревар од 9. коло од Супер лигата, еден од кандидатите за пласман во плеј-офот, Тиквеш, ќе гостува на жешкиот терен во Богданци, каде што ќе се соочи со Младост, тим предводен од некогашниот стратег на кавадарчани, Горан Андоновски.

Интересно е што дел од Тиквеш бил и неговиот син Даниел Андоновски, а дресот на кавадаречкиот тим го носел и левото крило Зоран Стојановски. Во составот на Младост е и голманот од Кавадарци Благој Панов, кој направи трансфер токму од Тиквеш во тимот од Богданци.

Младост во досегашниот тек од сезоната освои три бода во дуелите со Бутел, Мулти Есенс и Еурофарм Пелистер 2 (30:30, 21:21, 30:30). Тимот од Богданци на неколку натпревари немаше среќа во финишот, па неделниот дуел против Тиквеш ќе биде нов обид за повратникот во елитното друштво да стигне до првата сезонска победа и да го подобри своето бодовно салдо.

Од клубот се свесни за важноста на претстојниот натпревар, па преку повик до навивачите побараа максимална поддршка од трибините.

„По тешкиот почеток на сезоната, повредите и несреќните порази, дојде време да покажеме дека Младост никогаш не се предава! Нашите ракометари повторно ќе излезат на теренот со срце, борба и желба да ја остварат првата сезонска победа! Но, за оваа победа ни требаат сите! Ни треба полна сала, гласна публика и поддршка од првата до последната минута! Секој аплауз, секој извик и секоја подадена рака од трибините ќе значат дополнителна сила за нашите момци“, истакнаа од клубот од Богданци.

Од друга страна, евентуален триумф на Тиквеш би му овозможил да ја задржи петтата позиција на табелата. Кавадарчани во претходното коло на „мускули“ славеа против Куманово (30:28), а во Богданци ќе атакуваат на петта сезонска победа.

Натпреварот меѓу Младост и Тиквеш ќе се одигра на 1 ноември (недела), со почеток во 18:00 часот, во спортската сала „Млаз“. Правдата ќе ја делат битолчаните Михајло и Методија Илиевски, додека делегат на натпреварот ќе биде Васил Чавдаров.

ТАБЕЛА

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе