Со натпреварот меѓу Куманово и Гемиџии започна 9. коло кај кадетите, а денеска во рамките на групата А се одигра пелагонискиот двобој меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп. Во спортската сала „Боро Чурлевски“ домашниот тим славеше со 22:20, а натпреварот го одбележа еден од низата битолски ракометни таленти – Новак Вељановски.
Талентираниот бек постигна 13 погодоци, од кои пет беа од седум метри, а неколку од нив даде и во клучните моменти, кога Прилеп се врати во вториот дел и сериозно му се закани на домашниот тим. Сепак, Вељановски и соиграчите успеаја да ја задржат предноста и да стигнат до нови бодови. Првиот меѓусебен дуел на двете екипи заврши без победник, 28:28.
За кадетскиот тим на „двојката“ ова беше шеста сезонска победа, со која останува на втората позиција на табелата. Еурофарм Пелистер 2 сега има 13 бодови, три помалку од лидерот Еурофарм Пелистер, кој има 16 бодови, но и натпревар помалку.
Вељановски имаше одлично издание и изминатиот викенд во пионерската конкуренција, кога со 11 погодоци го предводеше својот тим до победа над Македонија Ѓорче Петров. Со денешните 13 погодоци во кадетскиот шампионат уште еднаш потврди дека се наоѓа во одлична форма, а неговите настапи во двете категории секако заслужуваат да се следат.
Во редовите на Прилеп најрасположени беа Вања Ѓорѓиоски и Бојан Наскоски, кои постигнаа по шест погодоци.
Кадетска машка лига, 9. коло, резултати и распоред:
Група А
Еурофарм Пелистер 2 – Прилеп 22:20 (10:8)
Новак Вељановски 13/ Вања Ѓорѓиоски 6, Бојан Наскоски 6
11.11 – 16:00 часот – Алкалоид – Преспа
11.11 – 19:30 часот – Пролет – Тиквеш
12.11 – 14:00 часот – Еурофарм Пелистер – Струга
Група Б
Куманово – Гемиции 31:25 (15:12)
Михаел Милановски 10, Немања Цветкоски 7/Андреј Наумов 5
11.11 – 18:45 часот – Македонија ЃП – Младост
11.11 – 20:30 часот – Вардар – Текстилец
Мулти Есенс – слоб.