Викендов ќе се одиграат натпреварите од 8. коло во Првата женска ракометна лига, а лидерот на табелата, тимот на Овче Поле Славјански Универзитет, за ривал ја има екипата на Стружанка.
Клубот од Свети Николе во претходното коло одигра реми на гостувањето кај Гевгелија Југ, па на неделниот дуел ќе атакува на шестата сезонска победа, со која би ја задржал лидерската позиција на табелата.
Овче Поле Славјански Универзитет досега освои 11 бода, додека Стружанка на своето конто има само пет. Интересно е што овие две екипи требаше да се сретнат уште во првото коло, но тимот од Свети Николе го доби служебно дуелот со 10:0.
Натпреварот е закажан за в недела (15 ноември), со почеток од 17:30 часот, во спортската сала „Цар Самоил“ во Свети Николе, а правдата ќе ја делат Иван Јованов и Стефан Кузмановски.