Анастасија Сентовска повторно доминира – најдобар стрелец за есенскиот дел во Првата лига!

169

Најдобриот голгетер од минатата сезона во Првата лига во женска конкуренција, Анастасија Сентовска, продолжи во одличен ритам и во новата натпреварувачка сезона. Ракометарката на Овче Поле Славјански Универзитет го заврши есенскиот дел на врвот на листата на стрелците.

Сентовска на седум одиграни натпревари постигна 85 погодоци, односно во просек постигнуваше повеќе од 12 гола по натпревар. На второто место се најде Нина Попова од Гевгелија Југ со 56 погодоци на осум натпревари, додека третата позиција ѝ припадна на Алтина Хасани од Јехона. Младата ракометарка од Гостивар во првиот дел од сезоната постигна 54 гола на седум натпревари, што е повеќе од одличен учинок за нејзината возраст.

Меѓу најдобрите десет стрелци се и Ана Марија Накова (Астибо) со 52 гола на седум натпревари, Елена Димова (Гевгелија Југ) со 51 гол на осум натпревари, Јасмина Попова (Гевгелија Југ) со 50 гола на седум натпревари, Анастасија Богоевска (Астибо) со 46 гола на шест натпревари, Јована Ангеловска (Овче Поле СУ) со 45 гола на седум натпревари, Маја Раткушиноска (Стружанка) со 40 гола на пет натпревари, како и Бојана Божиновска (Шампион) и Леа Пејоска (Струга), кои имаат по 39 успешни реализации на осум одиграни натпревари.

Овче Поле Славјански Универзитет заминува на пауза како лидер кај прволигашите, а доколку ја задржи првата позиција и на крајот од сезоната, во Свети Николе повторно ќе се игра суперлигашки ракомет. Имено, првопласираниот тим од Првата лига обезбедува директен пласман во домашната елита.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе