Утре во „Расадник“ почнува битката на кадетките за европска виза

20

Пред овој викенд, во кој не очекуваат возбудувања во Супер лигата, а најголемото внимание ќе биде насочено кон Битола, каде што Еурофарм Пелистер ќе го пречека Охрид во дербито од 12. коло, љубителите на ракометот ќе имаат можност во живо да ги проследат и настапите на надежите на македонскиот женски ракомет.

Кадетската репрезентација на Македонија утре на домашен терен, во спортската сала „Расадник“, ги започнува квалификациите за пласман на Европското кадетско првенство 2027. Станува збор за генерација која веќе има натпреварувачко искуство.

Најголемиот дел од репрезентативките настапија на Медитеранското првенство во Приштина, дел од нив веќе имаат искуство и во сениорската Супер лига, а пред еден месец националниот тим играше и на првиот турнир од Регионалната лига. Сето тоа дава причина за оптимизам пред квалификациските предизвици и надеж дека оваа генерација, предводена од селекторот Славиша Димитријески, ќе успее да обезбеди место на кадетскиот континентален собир следната година.

Ривали на Македонија во квалификацискиот циклус се селекциите на Косово, Литванија и Грција. Домашниот терен и поддршката од трибините секако ќе бидат дополнителен мотив за младите ракометарки во обидот да стигнат до посакуваната цел. Најдобрите две репрезентации од Скопје ќе играат на ЕП во Црна Гора.

Прв ривал на Македонија е Косово, потоа следува Литванија, а на крај е пресметката со Грција.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
27.11 – 18:30 часот – Македонија – Косово
28.11 – 18:30 часот – Македонија –  Литванија
29.11 – 18:30 часот – Македонија – Грција

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе