Ракометарите на Тиквеш в недела на свој терен (29 ноември, 18:00 часот) го играат еден од најважните натпревари сезонава. Кавадаречкиот суперлигаш во рамките на 12. коло ја пречекува незгодната екипа на Струга.
Тиквеш во минатото коло очекувано загуби од амбициозниот Охрид, па сега пред своите навивачи ќе има идеална шанса за враќање на победничките патеки и за шеста сезоска победа. Струга во претходното коло не успеа да доде до четвртата победа по ред, откако на гостувањето во Богданци беше поразена од Младост со 30:28.
По 11 одиграни кола, тимот од Кавадарци има освоено 11 бода (пет победи и едно реми) и се наоѓа на делба на петтото место на табелата заедно со Прилеп. Со оглед на тоа што покрај првите четири екипи, пласман во плеј-офот обезбедуваат и петтопласираниот и шестопласираниот тим, пресметката в недела во салата „Јасмин“ носи огромна тежина во битката за плеј-офот.
На првиот меѓусебен дуел сезонава подобар беше Тиквеш, кој триумфираше со минимални 28:27 во спортската сала „Тими“ во Струга. Токму домашниот пораз ќе биде дополнителна мотивација за стружани да одиграат на високо ниво и да се обидат да им се реваншираат на кадаварчани.
Правдата на натпреварот меѓу Тиквеш и Струга ќе ја делат битолските судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, додека делегат ќе биде Васил Чавдаров од Богданци.
ТАБЕЛА

*Наскоро треба да биде познато дали Кристијан Грчевски ќе се врати на кормилото на Тиквеш.