Викендов ќе се одиграат преостанатите пет дуели од 12. коло во Супер лигата, а во Битола ќе има ракометен викенд, со оглед на тоа што во градот гостуваат Охрид и актуелниот шампион Вардар.
Охриѓани утре ќе му гостуваат на Еурофарм Пелистер во дербито на колото, а правдата на овој дуел ќе ја делат скопските судии Исмаил Металари и Ненад Николовски.
На табелата, Охрид моментално е третопласиран со 19 бода, еден помалку од второпласираниот Алкалоид, кој има и натпревар повеќе, со оглед на тоа што викендов има обврски во ЕХФ Европскиот Куп. Еурофарм Пелистер досега освои 17 бода, со биланс од осум победи и едно реми.
Првата меѓусебна сезонска пресметка меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер заврши без победник, 28:28, па и на претстојниот дуел се очекува да има неизвесност.
Во недела вториот битолски суперлигаш, Еурофарм Пелистер 2, ќе го пречека актуелниот шампион Вардар. „Црвено-црните“ досега немаат загубено бод во првенството и ќе ја имаат фаворитската улога, а младите ракометари на Бранислав Ангеловски ќе се обидат да се покажат во добро светло пред домашната публика.
Еурофарм Пелистер 2 во претходното коло се избори за голем бод против Прилеп. Иако моментално заостанува три бода зад Тиквеш и Прилеп, кои се на петтото и шестото место, битолчани сè уште имаат реални шанси во трката за пласман во плеј-офот.
За младите битолчани, секој бод до крајот на регуларниот дел ќе биде од голема важност, особено во директната борба со конкурентите за место во ТОП 6. Судии на натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Вардар ќе бидат Глигор и Спаско Ќаеви од Скопје.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО БИТОЛА:
28.11 – 18:00 часот – Еурофарм Пелистер – Охрид
29.11 – 18:00 часот – Еурофарм Пелистер 2 – Вардар
ТАБЕЛА

Неколку часа пред дуелот на ,,двојката” со Вардар, ќе има и соочување во младинската лига, во која Еурофарм Пелистер и „црвено-црните“ ќе ги одмерат силите во натпревар од 12. коло.
Младиот скопски тим во досегашниот тек од сезоната освои 16 бода, додека Еурофарм Пелистер, кој во младинскиот шампионат настапува со помлади играчи, има освоено два бода.
Натпреварот е закажан за 13:00 часот во „Боро Чурлевски“.