Младинската екипа на Еурофарм Пелистер триумфираше против Келце со 37:29 во првиот полуфинален натпревар од турнирот во Букурешт и за место на Ф4 во младинската ЛШ ќе се бори со подобриот од дуелот меѓу Динамо Букурешт и Висла Плоцк.
Младите пелистерци доминираа од првата минута, а победата ја најавија уште во првиот дел, кој го добија со 11 гола разлика, 22:11. Алем Хаџиќ, беше незапирлив на теренот, во првиот дел даде девет гола, а во вторите 30 минути додаде уште пет и натпреварот го заврши со 14 погодоци.
Карло Буторац запиша седум погодоци, а пет од пет имаше Леонид Лозановски. Голманите Мелин Фехми и Атанасиј Трсунов искомбинираа 11 интервенции.
Утре е завршниот ден, односно битката за трето место (15:30 часот) и финалето (18:00 часот). Завршниот турнир во младинската ЛШ ќе се одигра во „Ланксес Арена“ во Келн паралелно со сениорскиот Ф4.