Алкалоид направи голем успех пред почетокот на домашниот шампионат, откако во Гевгелија славеше над Еурофарм Пелистер со 33:30 освојувајќи го трофејот во Супер Купот на Македонија. За тимот од Автокоманда ова е прв трофеј во новата сезона, минатата сезона избраниците на Кире Лазаров, токму против битолчани, го освоија трофејот во домашниот Куп.
До првата половина од првото полувреме се играше гол за гол, двете екипи наизменично се менуваа во предност, а „сино-белите“ од 18 минута започнаа да се одлепуваат чекор по чекор и на осум минути пред крајот стигнаа до позитива од плус пет, 15:10. Головите од контри и полуконтри беа главното оружје на скопскиот тим, кој го имаше расположениот Марко Кизиќ, довчерашен голман на Еурофарм Пелистер. Македонскиот шампион се обидуваше да се врати во игра, но Алкалоид на пауза замина со предност од 19:14. Голем хендикеп за Еурофарм Пелистер беше црвениот картон за Филип Кузмановски. Капитенот на битолчани на пет минути пред крајот на првиот дел заработи црвен картон поради удар со лакт во лицето на кружниот напаѓач Валентин Карасманакис. Битолчани заиграа поангажирано во вториот дел, на моменти доаѓаа до минус два, имаа неколку шанси за минус еден, но тимот на Лазаров не дозволуваше Еурофарм Пелистер да направи целосен камбек. Новиот освојувач на Супер Купот успеа да ја одржи стекнатата предност, а тоа беше доволно да се освои првиот трофеј во новата натпреварувачка сезона.
Најефикасен во победничката екипа беше Никола Костески со осум погодоци, шест додаде Марко Митев, по пет запишаа Мартин Серафимов и Кристијан Симоноски. Марко Кизиќ натпреварот го заврши со 12 интервенции, три имаше младинскиот репрезентативец Иван Галевски. Кај Еурофарм Пелистер најпрецизен беше Филип Кузмановски со пет погодоци, по четири имаа Дејан Манасков, Богдан Радивојевиќ, Усама Хосни. Никола Митревски на голот забележа 11 интервенции.