Комесарот за натпреварување во сениорските лиги, Александар Милојевиќ, ги одреди казните за недоиграниот пријателски натпревар помеѓу екипите на ТФТ и Чаир 2030, кој се играше на 19. септември во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје. Двете екипи се парично казнети, но и се поделени неколку суспензии.
ТФТ како домаќин на пријателскиот натпревар треба да плати 30.000 денари поради слабата организација, како и поради непочитување на одлуката на КФМ – секој натпревар да се снима, истиот да биде пријваен во полиција, да има дежурен лекар и да има комесар за безбедност и редарска служба.
Капитенот на ТФТ, Едис Нури, кој го извлече најдебелиот крај на неодиграниот пријателски натпревар, доби суспензија од два, додека неговиот соиграч Иван Наумовски од еден натпревар. Дополнително, тимот на ТФТ ќе игра без публика на првите два домашни меча од новата натпреварувачка сезона.
Чаир заработи парична казна од 48.000 денари, казната е поради остварен физички напад од страна на симпатизерите на Чаир над противчничката екипа за време на одигрувањето на натпреварот поради што тој бил прекинат пред истекот на времето, а помошниот тренер Еркан Исмаили е суспендиран на еден натпревар. Кошаркарите на Чаир на првите три домашни натпревари од новата сезона ќе играат пред празни трибини.
Суспензија од два натпревари заработи делегатот Антонио Теофиловски поради неуредно и непотполно спроведување на одлуките и упатствата од федерацијата и комесарот за натпреварувања.