Еден од клубовите кои инвестира во младинските категории и им дава шанса на младите да се докажуваат во најквалитетното домашно ракометно натпреварување, РК Пролет, најверојатно ќе остане без искусниот голман и поранешен репрезентативец на Македонија, Златко Даскаловски.

Според шпекулациите во ракометните кругови, Пролет во вториот дел од натпреварувачката сезона ќе продолжи без Даскаловски, а во наредниот период треба да биде познато кој ќе остане, а кој ќе си замине од редовите на македонскиот суперлигаш. Пролет на голманската позиција го има и Бојан Солев, кој на неколку натпревари имаше одлични партии. Иако тимот има теоретски шанси за пласман во ТОП 6, извесно е дека ќе се пресели во плеј-аутот, каде што без поголеми проблеми би требало да помине.
Довчерашниот член на Куманово, Лука Матачиќ, немаше многу проблеми да најде нова средина и во вториот дел од сезоната ќе настапува во Грција. Хрватот, кој игра на позицијата среден бек, се договори за соработка со тимот на Диомидис Аргус, па така ќе има можност своите квалитети да ги покаже во грчката прволигашка конкуренција. Матачиќ во Куманово пристигна во вториот дел од минатата сезона, а од клубот си замина пред завршувањето на првиот дел од тековната сезона.
Машката репрезентација на Македонија денеска ќе го одигра втoриот пријателски натпревар на традиционалниот турнир „Жолтиот Куп“ во швајцарскиот град Винтертур. Втор ривал на Македонија ќе биде репрезентацијата на Украина, која вчера загуби од Швајцарија со 38:27, додека избраниците на Лазаров победнички го отворија турнирот, откако триумфираа над Бахреин со четири гола разлика, 32:28. Натпреварот меѓу Македонијаи Украина е закажан за 17:45 часот.