На годинешниот Ф4 турнир во пионерската лига, во која Охрид ќе ја брани титулата освоена минатата сезона, ќе учествуваат уште Еурофарм Пелистер 2, Мулти Есенс и Алкалоид.
Охриѓани во разигрувањето за пласман на завршницата на двапати беа подобри од Тиквеш со 32:27 и 29:17. Најнеизвесно беше во Автокоманда, каде што Мулти Есенс со голот на Христијан Ангеловски во последните секунди успеа да триумфира против Куманово со 23:19.
На првиот натпревар резултатот беше скоро идентичен, тогаш триумфираше Куманово со 23:20, па за гол повеќе тимот предводен од Филип Глигоров и Елена Златановска обезбеди пласман на Ф4 турнирот. Ист случај беше и со Алкалоид, кој успеа да обезбеди место меѓу најдобрите четири екипи.
Ривал на Алкалоид во четвртфиналето беше Струга. На првиот натпревар Струга триумфираше со 23:18, додека на денешниот реванш во Автокоманда, домаќините победија со 23:17. Стружани имаа напад за 18-тиот гол, но голманот Мартин Пандиловски одбрани зицер во самиот финиш за големо славје на домашната клупа.
Со две победи во четвртфиналето, пласман на Ф4 обезбеди и Еурофарм Пелистер 2, откако го елиминираше Вардар. Младите битолчани на двапати беа подобри од „црвено-црните“ со 23:18 и 20:14.