Во летото 2024 година, едно од најзвучните засилувања на Еурофарм Пелистер беше искусниот дефанзивец Илија Абутовиќ, ракометар кој со Вардар ја освои првата титула во Лигата на шампионите за македонскиот клуб.
Во изминатите две сезони српскиот интернационалец остави силен печат во Битола. Со својата борбеност во одбраната беше еден од најважните алки во тимот на пелистерци.
По завршувањето на сезоната Абутовиќ и официјално се раздели со битолскиот клуб. Кариерата ќе ја продолжи во шампионот на Србија, Партизан, каде повторно ќе соработува со тренерот Раул Гонзалез, со кого во 2017 година испишаа историја и ја освоија европската титула со Вардар.
По заминувањето од Македонија, искусниот дефанзивец преку социјалните мрежи испрати емотивна порака до навивачите на Еурофарм Пелистер, градот Битола и до македонската спортска јавност, а му честита и на Вардар и Охрид.
„Благодарам Еурофарм Пелистер и Битола на овие две години. Благодарам за новите искуства, новите познанства и новите стекнати ријателства. Честитки за Вардар за освоената титула, честитки за Охрид за историскиот европски трофеј. Те сакам Македонијо… И ти благодарам за сите години што ги поминав тука и за сите работи шти го доживеав како спортист и како човек. Засекогаш ќе бидеш во моето срце“ напиша Абутовиќ на социјалните мрежи.