Пелистер го мерка местото на Астибо

114

Женската Супер лига би можела да претрпи уште една промена во пресрет на новата сезона, откако ЖРК Астибо официјално соопшти дека нема да настапува во елитното друштво. Со тоа се отвора можност испразнетото место да го пополни битолски Пелистер, дознава Спортска Димензија од извори блиски до клубот.

Пелистер минатата сезона ја заврши на седмото место и мораше да игра бараж за опстанок. Во натпреварот одигран на неутрален терен во Радовиш, битолчанки беа поразени од Ѓорче Петров 2, па според пропозициите треба да се преселат во Првата лига. Сепак, повлекувањето на Астибо повторно ги отвори шансите клубот да остане дел од најквалитетното домашно натпреварување.

Во Битола веќе се размислува за такво сценарио. Пелистер зад себе има стабилен клубски систем и важи за еден од ретките женски клубови во Македонија што континуирано создава млади ракометарки и репрезентативки во младинските селекции. Минатата сезона битолчанки приредија изненадување со пласманот на завршниот турнир од Купот на Македонија, каде настапија со претежно млад состав и стекнаа големо искуство.

Според информациите до кои дојде Спортска Димензија, постои можност и Куманово да се повлече поради финансиски проблеми. Доколку тоа се случи, РФМ ќе има дополнителен простор за пополнување на лигата пред почетокот на новата сезона.

На чело на Пелистер се наоѓа долгогодишниот спортски работник Јован Василев, кој повеќе децении е еден од најзаслужните за развојот и опстанокот на женскиот ракомет во Битола. Минатата година тој доби признание од Ракометната федерација на Македонија за 50 години особен придонес во развојот на македонскиот женски ракомет.

Од Пропозициите за Женската и Првата лига, во дел од член 4, се наведува:
„Доколку екипа која е пријавена како суперлигаш (или има обезбедено статус на суперлигаш) го откаже своето учество, Управниот одбор на РФМ со одлука назначува учесник од понизок ранг за дополнување на Супер лигата пред почетокот на сезоната.“

Во прволигашката конкуренција, шампион беше Атлетик, кој директно обезбеди пласман, а второпласираниот Ѓорче Петров 2 преку бараж успеа да се врати во елитата. На следните места, 3, 4, 5, 6, и 7 завршија екипите на Овче Поле Славјански Универзитет, Деспина, Стружанка, Јехона и Шампион.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT