Женската кадетска репрезентација на Македонија со победа ги започна квалификациите на домашен терен, откако во првото коло без поголеми проблеми славеше над Косово со 28:22.
Ривалот на Македонија добро парираше во првите 10-15 минути, но како одминуваше времето, така избраничките на Славиша Димитријески играа сè подобро и на пауза заминаа со предност од шест гола, 15:9.
Македонија на стартот на вториот дел дојде и до плус девет, 18:9, но репрезентацијата на Косово со серија од 4-0 успеа да намали на 18:13 во 40-та минута. Серијата на ривалот ја прекина Клара Филимановски со гол од пенал, а до крајот Македонија повторно заигра на ниво и дојде до убедлива победа.
Со по пет погодоци во нашата репрезентација се истакнаа Клара Филимановски, Ивана Глогуновска и Мина Ѓурчевска, по четири пати реализацираа Евгенија Смиљковска и Деана Величковска, два погодоци постигна Ана Стојчевска, а по еден додадоа Магдалена Костадиновска, Варвара Атанасовска и Ангела Опетческа.
Утре, нашите надежи ќе се соочат со Литванија, која денеска убедливо ја совлада Грција со 31:17.
Победа на утрешниот дуел ќе значи и пласман на Европското кадетско првенство следната година во Црна Гора.
Натпреварот меѓу Македонија и Литванија е со почеток од 18:30 часот во спортската сала „Расадник“, а влезот за сите љубители е слободен.