Кој доаѓа на местото на Пролет во елитата?

94

Македонската Супер лига од следната сезона ќе остане без еден од своите најпрепознатливи клубови, откако РК Пролет официјално соопшти дека нема да настапува во елитното друштво во сезона 2026/27. Причина за ваквата одлука е повлекувањето на генералниот спонзор „Тинекс“, поради што клубот повеќе не е во можност да обезбеди финансиски услови за настап во најквалитетното домашно натпреварување.

Поради тоа, Пролет во новата сезона ќе се натпреварува во Првата лига, каде трошоците за функционирање се помали. Според информациите и шпекулациите кои кружат во ракометните кругови, најсериозен кандидат за пополнување на испразнетото место е екипата на Струга.

Стружани минатата сезона не успеаја да го сочуваат суперлигашкиот статус, откако во баражот беа поразени од Младост Богданци, но сега би можеле експресно да се вратат меѓу најдобрите. Во меѓувреме, во Струга се најавуваат промени. Клубот, според неофицијалните информации, има нова управа, наскоро се очекува да биде именуван и нов тренер, а паралелно се работи и на формирање на играчкиот кадар за новата сезона.

Досега од тимот си заминаа Филип Мечкароски, Наум Костов (Куманово), Војо Клењоски (Мулти Есенс) и Тунижанецот Ахмед Мајдоуб (Младост). Конечната одлука за тоа кој клуб ќе го пополни испразнетото место во Супер лигата ќе ја донесе Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија.

Во Пропозициите за натпреварување на РФМ во Супер машката лига, во дел од член 4, стои:

„Доколку екипа која е пријавена како суперлигаш (или има обезбедено статус на суперлигаш) го откаже своето учество, Управниот одбор на РФМ со одлука назначува учесник од понизок ранг за дополнување на Суперлигата пред почетокот на сезоната.“

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT