Младинскиот репрезентативец на Македонија, Лука Ѓоргиевски (генерација 2007), со своите настапи во изминатата сезона, но и на Европското младинско првенство во Романија, го привлече вниманието на неколку домашни и странски клубови.
Според информациите на Спортска Димензија, интерес за Ѓоргиевски покажал и унгарскиот великан ПИК Сегед, еден од редовните учесници во Лигата на шампионите и клуб познат по одличната работа со својата младинска академија.
За Ѓоргиевски има понуди и од неколку домашни суперлигаши, па во следниот период ќе биде познато каде ќе настапува во новата сезона.
Десниот бек, кој подеднакво добро се снаоѓа и во нападот и во одбраната, во вториот дел од изминатата сезона настапуваше за Прилеп како позајмен играч од Еурофарм Пелистер 2, додека во првиот дел од сезоната беше меѓу најдобрите стрелци во младинската лига.
Со Еурофарм Пелистер настапи и во младинската Лига на шампионите пред една сезона, кога битолчани испишаа историја со победите над Динамо Букурешт и Келце, обезбедувајќи пласман на завршниот турнир во Келн.