Македонија во новата сезона ќе има уште една интернационалка во името на Сара Миновска, откако левото крило се договори за соработка со шампионот на Словачка, Јувента Михаловце, клуб за кој настапува и македонската репрезентативка Теодора Дукоска.
Интересно е што Миновска во Словачка пристигна на 8 август и истиот ден го имаше своето деби за новиот клуб. Поради големиот број административни обврски и документацијата, македонската ракометарка доби одмор и десет минути на теренот, но и тоа беше доволно да покаже дека може да биде корисна за словачкиот шампион. Постигна два гола од исто толку обиди на пријателскиот меч против некогашниот учесник во ЛШ, Баја Маре.
За Миновска ова ќе биде прво интернационално искуство, а со Јувента Михаловце ќе има можност да настапува и на европска сцена, како и во регионалната МОЛ лига.
Миновска вториот дел од минатата сезона го мина во редовите на Чаир, каде што пристигна од Металург Автокоманда. Претходно го носеше и дресот на некогашниот шампион на Македонија, Вардар, каде што важеше за една од најперспективните домашни ракометарки на својата позиција.
На репрезентативно ниво има забележано настапи за младинската и сениорската селекција на Македонија. Посебно се истакна на ЕХФ шампионатот во Скопје во 2021 година, кога беше избрана за најдобро лево крило на турнирот, што беше потврда за нејзиниот голем потенцијал и квалитет.