Наскоро, на турнирите во Струга и Прилеп, еден од учесниците ќе биде и екипата на Бутел Скопје, која во новата сезона од тренерското столче ќе биде предводена од Стојанче Стоилов.
Суперлигашот претрпе повеќе промени во играчкиот ростер, а пред трансфер во клубот се наоѓа и еден од најдобрите наши кадетски репрезентативци.
Станува збор за средниот бек Трајче Костов (генерација 2008), кој имаше одлични партии на штотуку завршеното Европско кадетско првенство во Србија, на кое Македонија го освои 9. место. На натпреварите против Португалија и Фарски Острови ги постигна победничките голови, а кадетскиот континентален собир го заврши со 37 погодоци.
Костов во изминатата сезона со тимот на Пролет ја освои титулата во кадетска конкуренција, а искуство стекнуваше и преку настапите во Супер лигата. На кадетскиот Ф4 во Битола беше еден од предводниците на шампионскиот тим на Пролет. Во полуфиналето против Охрид имаше пет погодоци, додека во финалето против Мулти Есенс успеа да погоди осум пати.
Бутел во минатата сезона имаше забележителни резултати во младинската лига, каде што ја освои втората позиција, додека во најквалитетното домашно натпреварување, како и вообичаено, беше дел од плеј-офот.
Клубот досега ги има ангажирано Марко Богдановски, Давид Аврамоски, Тома Симоновски, Тодор Аксентиев, Кристијан Стаменковиќ и Градимир Чаневски.