Најдобриот голман од кадетскиот Ф4 се пресели во Мулти Есенс

65

Повратникот во Супер лигата, тимот на Мулти Есенс, за претстојната сезона се засили со млад голман од Пролет.

Станува збор за стружанецот Лазе Великиќески (генерација 2008), кој во новата сезона ќе го носи дресот на младиот суперлигаш – ќе настапува за сениорскиот тим и во младинските категории. Великиќески зад себе имаше одлична сезона, во која беше еден од најзаслужните за шампионскиот трофеј на Пролет во кадетската конкуренција.

Интересно е тоа што неговиот довчерашен клуб токму против Мулти Есенс го освои кадетското првенство. Во финалето на Ф4 турнирот во Битола, Пролет славеше над Мулти Есенс, а голманот Великиќески имаше одлично издание и со своите интервенции даде голем придонесе за освојувањето на титулата.

За талентираниот голман ова ќе биде нов чекор во кариерата, но не и прво искуство со сениорскиот ракомет. Великиќески уште пред две сезони, на само 16 години, го имаше своето деби во Супер лигата како член на Струга, а во изминатиот период беше дел и од сениорскиот состав на Пролет.

Во сезона 2024/25 со Струга го освои сребрениот медал во кадетската лига, додека минатата сезона со Пролет стигна до шампионската титула во истата кадегорија.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT