Една од малубројните ветеранки во македонскиот женски ракомет, голманката Кристина Младеновска Кузмановска, стави крај на својата повеќе од 25 години долга играчка кариера. Последниот натпревар го одигра денеска во дресот на Астибо, и тоа против својот поранешен клуб, Овче Поле Славјански Универзитет.
Со овој натпревар за Младеновска Кузмановска заврши едно поглавје исполнето со многу натпревари, искуства и моменти поминати на ракометниот терен, но истовремено започнува и една нова професионална етапа.
Покрај завршен Факултет за физичка култура, Младеновска Кузмановска има и магистрирано на Факултетот за психологија, а токму спојот на нејзиното спортско искуство и знаењето од областа на психологијата ќе биде основата за нејзината понатамошна работа.
Во иднина таа ќе работи со спортисти како нивна психолошка поддршка и советување, помагајќи им полесно да се справат со притисокот пред и по натпреварите, тремата и очекувањата, но и со разочарувањето по поразите. Целта ќе биде спортистите да научат како да се фокусираат, да го контролираат притисокот и да го извлечат најдоброто од себе.
Младеновска Кузмановска ќе работи и со родителите на спортистите, со цел да им помогне да разберат на кој начин можат да бидат позитивна и здрава поддршка за своите деца во спортот, без дополнително да создаваат притисок и оптоварување.