Александра Кузмановска: Наш најголем адут е Ристовска, очекувам Младеновска и Стефаноска да имаат добри партии

1.726

Денеска ќе започне 16. издание на Европското првенство во женска конкуренција, на кое еден од 24-те учесници ќе биде и репрезентацијата на Македонија.  Нашата репрезентација своето учество на Европското првенство го обезбеди преку квалификацискиот циклус, освојувајќи го 2 место во група со Шпанија, Азербејџан и Литванија.

За Македонија ова е седмо континентално учество, а второ последователно, откако во 2022, како еден од ко-организаторите, имаше директно обезбедено пласман меѓу најдобрите европски репрезентации. Најголемиот успех Македонија на Европските првенство го има остварено како домаќин во 2008 година, тогаш „црвено-жолтите“ го освоија седмото место.

Македонија на претстојното ЕП во групната фаза за ривали ги има репрезентациите на Шведска, Унгарија и Турција. Само најдобрите две репрезентациите од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза. Според најавите од репрезентативките на Македонија, најголем акцент ќе биде ставен за натпреварот против Турција, репрезентација против која избраничките на Кристијан Грчевски ќе се обидат да дојдат до победа.

Спортска Димензија пред стартот на ЕП разговараше со Александра Кузмановска, која ги сподели своите очекувања за „црвено-жолтите“ на континенталниот собир,  даде свое видување и ја анализираше групата на нашата репрезентација.

Кузмановска како тренер работеше со многу млади генерации на ракометарки кои денес се дел од голем број сениорски екипи во единствената женска конкуренција во Македонија, добро ги познава женските екипи, ракометарките, но и европските репрезентации, бидејќи има соработувано со големи имиња.

Шведска

Сите знаеме дека имаме прилично тешка група. Шведска речиси секогаш е меѓу првите шест репрезентации и на Светските и на Европските првенства, а имаат освоено сребро и бронза. На последното Европско првенство завршија на 5. позиција. Шведска е една искусна репрезентација,  најголем дел од играчите играат во Лигата на шампиони. Јасмина Робертс, секако, сметам дека ќе биде најголема опасност за нас, но не помалку опасни ќе бидат и останатите играчи. Не треба да се заборави  на десното крило Натали Хагман, која во квалификациите беше најдобар стрелец.

Унгарија

Унгарија сигурно ќе го бара своето место меѓу најдобрите четири репрезентации. Вложуваат многу во ракометот, девојките се гладни за пехарот кој го немаат кренато од 2000 година, и под крилата на најстравствените навивачи сигурно овие ракометарки ќе стигнат до одличен резултат.  Унгарската лига според мене е најсилната женска лига во Европа. Репрезентацијата е доста искусна, голем дел од ракометарките играат во Ѓер и во ФТЦ. Освен оние ракометарки кои играат во Лигата на шампионите, исто така, и оние кои играат само во домашната лига ќе придонесат многу. На ова првенство секако се очекува да блесне Петра Симон, ракометарка која веќе настапуваше на Светското првенство 2023 и летово на Олимпијадата во Париз.

Овие два натпревари ќе бидат прилично тешки и фокусот треба да биде на сите ракометарки, бидејќи ќе бидат опасни од сите позиции. Треба да се игра фокусирано, секој да си ја знае својата задача и да го дадат својот максимум. За победа ќе биде тешко, но секако дека мора да се одигра добро, спортски е да се надеваме. Нашата репрезентација е во најголем дел составена од интернационалки, што значи дека не може да се предадеме уште пред да почнеме. Треба пред сѐ да биде уживање што се таму и да се докажуваат со големите ѕвезди. Наш најголем адут е секако Сара Ристовска, која е одличен играч, оваа сезона со Рапид Букурешт се врати на настапите во Лигата на шампионите, во досегашниот тек од сезоната имаше одлични партии. Тука е Јована Саздовска, искусна ракометарка, одлично крило. На ова првенство очекувам Ива Младеновска да добие солидна минутажа, иако во Лигата на шампионите не игра многу, но верувам дека тренира одлично и има многу што да научи од нејзината колешка Ана Вјахирева, која е еден од најдобрите десни бекови. Ива е нашиот најголем потенцијал и со нејзините само 17 години верувам дека допрва многу ќе се докажува и ќе нѐ радува. Сара Стефаноска сметам дека може многу да даде, настапува одлично во српскиот шампионат. Секој тренер има своја визија и стратегија, но сметам дека Леонида Гичевска требаше да биде дел од оваа репрезентација, според мене е во најдобра форма досега. Исто така можеби ни фали уште 1 пикер во составот.

На конечниот список, меѓу 19-те ракометарки не се најде името на Андреа Илиќ, голманка која брани за ЖРК Вардар. Дел од коментарите на социјалните мрежи беа дека Илиќ заслужува повик, ланската сезона беше избрана за најдобар голман во Женската лига. Кое е вашето мислење за изборот на голманите, нашата репрезентација во Дебрецин ќе оди со три голманки – Драгана Петковска, Јована Мицевска и Матеа Чурлиновска.

Не сакам да звучам субјективно, бидејќи работам со неа, но Андреа е во одлична форма во првата полусезона, се надевам дека ќе продолжиме уште подобро и секако заслужи да добие шанса, работи одлично, навистина е супер мотивирана. Но, сепак, селекторот ги избира оние за кои во моментот смета дека се најдобри. Што се однесува до Јована Мицевска и Драгана Петковска, не знам каква минутажа добиваат во своите клубови, но процентот на одбранети удари на турнирот во Хрватска малку ме загрижува, не би судела од причина што не ги гледав натпреварите, тука треба да се види играта во одбрана, технички грешки…Тешко е да се брани доколку немаме поддршка од одбраната. Може тоа биле само лоши денови на голманите, може да им се случи тоа. Секако тоа се нашите најдобри голмани и имаат искуство позади себе и се надевам дека ќе бидат далеку подобри на Европското првенство, верувам во нив. Играње на Европското првенство е посебна мотивација и сигурно ќе покажат многу подобра игра. Матеа Чурлиноска имаше одлични партии летово на Светското младинско првенство, заслужено се наоѓа таму.

Дали во натпреварот против Турција може да ја гледаме единствената шанса за победа?

Иако Турција е дебитант на ова ЕП, ова репрезентација не е воопшто за потценување. Се пласираа како најдобра трета репрезентација, играа во силна квалификациска група, Турција ќе биде репрезентација која сигурно ќе го даде својот максимум. Не смееме да заборавиме дека со Србија одиграа нерешено на домашен терен, а со Црна Гора изгубија минимално и тоа беше она што ги однесе на ова Европско првенство. Тие сигурно ќе се борат да ја остварат првата победа ,но и ние не треба да ја пропуштиме таа шанса. Мислам дека овој натпревар ќе биде интересен за гледање и очекувам ние да излеземе како победници. Ќе биде тешко, сепак, знаеме дека на Европско и Светско првенство нема лесни ривали и видовме дека нѐ секогаш победата ја добиваат фаворитите. 

Напред девојки, напред Македонија!!

 

Александра Кузмановска освен што работи како тренер на голманите во сениорскиот тим на ЖРК Вардар, паралелно ги води најмладите членови како тренер во ракометната школа на Вардар. Основач е на Кузман Вардар, клуб кој гравитира во скопската населба Илиндин и клуб од кој полека излегуваат млади таленти. Во својата тренерска кариера има работено и на интернационално ниво, во грчкиот суперлигаш ПАОК како тренер на голманите.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе