Суперлигашот Куманово продолжува да се екипира за вториот дел од натпреварувачката сезона, а по петте засилувања, денеска го претстави новото име во своите редови. Станува збор за кадетскиот репрезентативец Григор Трајковски, кој претходно беше дел од Алкалоид, односно Мулти Есенс, а својата кариера ја започна токму во родниот град.
Трајковски на Ф4 турнирот во 2023 година од кадетската лига го доби признанието за најдобар голман и тогаш го водеше Мулти Есенс до титула кај кадетите. На репрезентативно ниво настапи на Европското кадетско првенство во Црна Гора и собра драгоцено искуство за во иднина.
Куманово претходно се засили со кружниот напаѓач Стефан Лазаревски, средниот бек Лука Матачиќ, како и тројцата Бразилци – десниот бек Гиљерме Да Силва Фернандес, левиот бек Џанкарло Фепипе Хен и кружниот напаѓач Жоао Виктор Соарес Флорес.