Раководството на Кошаркарската федерација денеска одржа состанок со сите претставници од прволигашките клубови. Состанокот беше организиран по комплетирање на тринаесеттото натпреварувачко коло, а сè со цел да се забележат сите нерегуларности во спортските сали каде клубовите ги организираат натпреварите во рамки на Првата лига.
На состанокот беа изнесени сите забелешки од последното натпреварувачко коло како и од Комисијата за проверка на спортските сали. Беше заклучено дека салите „Младост“ во Гостивар, „Перо Наков“ во Куманово и СРЦ „Кале – мала сала“ не исполнуваат одредени услови. Во малата СРЦ Кале, освен Вардар, таму од новата година тренира и игра најтрофејниот македонски клуб Работнички.
Доколку недостатоците не бидат отстранети до пред почетокот на натпреварите од четиринаесеттото (14) коло, наведените сали ќе бидат суспендирани, па така екипите ќе мора да бараат сали кои ги исполнуваат условите согласно Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги.
Доколку тоа не се обезбеди, домаќинот ќе го загуби натпреварот со службен резултат 20:0 и нема да добие бод предвиден со правилата во случај на пораз. Согласно членот 29.2 од истите пропозиции, домашната екипа, организатор е должен да обезбеди термометар на секој натпревар и да го стави на располагање на делегатот на негово барање.