Од беровско Ратево до Словенија – Мишовски успешно чекори во ракометните води

1.571

Македонија отсекогаш имала по некој „скриен талент“ на интернационално ниво, а еден од нив е младиот Даниел Мишовски, кој ,,тивко” и без многу експонирање гради успешна кариера во Словенија, земја во која најголем акцент во ракометот се става токму во младинските категории. Младиот беровчанец настапува за еден од најдобрите словенечки клубови – Марибор, кој во својата историја има забележителни резултати на домашна и европска сцена.

Во продолжение, Мишовски нѐ запознава со својата ракометна приказна.

„Имам 17 години и потекнувам од с. Ратево, Берово. Во Словенија, моите родители работат во угостителството, имаме сопствен ресторан. Во текот на 2018 година заедно со моето семејство за подобар живот се преселивме во Словенија (Марибор) и по неколку месеци започнав да тренирам ракомет. Значи ракомет (позиција голман) почнав да тренирам на 11 години. Имав желба да започнам со овој спорт уште како помал, но немав прилика. Љубовта кон ракометот ми ја всади мојот идол, Арпад Штербик. Од моето доаѓање во Словенија тренирам во ист клуб, а тоа е Марибор Браник. Од оваа сезона сум прва година како младинец, што значи дека пред себе имам уште цели три години во категоријата младинци. При крајот на претходната сезона бев приклучен на тренинзите со сениорите, па така од оваа сезона имам тренинзи и со сениорскиот состав. Одиграв и еден пријателски натпревар со сениорскиот тим на почетокот на оваа сезона и поминав доста солидно, имав седум интервенции и еден одбранет пенал за 30 минути. Покрај ракометот и обврските со средното образование, ретко имам слободно време, но кога сум слободен најчесто им помагам на моите родители во ресторанот, па немам многу време за одмор. Најголема желба ми е да играм во различни земји и да запознавам нови култури и националности. Секако дека секој спортист посакува да ја претставува својата држава, таа одлука не зависи од мене, но секако дека би претставувало големо задоволство и огромна чест.“

 

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе