Женската ракометна репрезентација на Македонија на 9 април ќе го одигра првиот натпревар против Полска од баражот за пласман на Светското првенство 2025. Реваншот ќе се одржи на 13 април во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, а избраничките на Кристијан Грчевски очекуваат солидна поддршка од битолската публика.
Поранешната репрезентативка на Македонија и битолчанка, Александра Здравевска, ги повика своите сограѓани да присуствуваат во што поголем број на реванш средбата и да бидат силна поддршка на нашите ракометарки. Во репрезентацијата има четири битолчанки – Симона Маџовска, Емилијана Ризоска, како и сестрите Марија и Ангела Јанкуловски.
,,После повеќе години желбата некоја од нашите репрезентации да настапи во Битола конечно ни се исполнува, ни доаѓа женската ракометна репрезентација во која настапуваат и четири наши “чупиња”, битолчанки, на кои ќе им е потребна нашата поддршка за натпреварот со Полска. Битолската публика знае како да биде ветер во грб на своите играчи и пред неа паднале големи екипи. Да ги поддржиме во сабота во што поголем број во „Боро Чурлевски“ во баражот за пласман на Светското првенство, а исто така да бидеме и хумани, бидејќи средствата од билетите ќе бидат донирани за настраданите во Кочани. Се гледаме во сабота во 19ч. Со срце за Македонија”.
Македонија последниот настап на Мундијалите го имаше во далечната 2007 година во Франција.