Младински двобој во Битола: Вардарци му гостуваат на Еурофарм Пелистер 2

32

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 3. коло од младинската лига во машка конкуренција, а во Битола ќе има пресметка меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Вардар.

Двете екипи имаат идентичен ефект од по една победа и еден пораз, па неделната пресметка ќе биде од голема важност и за битолчани и за „црвено-црните“ во трката за вториот сезонски триумф, односно враќање на победничките патеки.

Битолчани во претходното коло покажаа карактер и со голем пресврт во самиот финиш славеа на гостувањето кај Охрид со 36-34, заборавајќи го поразот од Бутел во првото коло (41-34).

Засега, најдобар стрелец во тимот е Стефан Лазаревски, кој досега има постигнато 12 погодоци, а веднаш зад него се Јован Симоновски и Матеј Мачковски со по 11 реализации.

Младите вардарци ја започнаа сезоната со победа над Алкалоид (34-30), но во 2. коло претрпеа тесен пораз од Бутел (35-33), иако во поголем дел од средбата имаа свои моменти и резултатска контрола.

Прв стрелец кај скопјани по првите две кола е средниот бек Давор Мечкароски со 14 погодоци, додека поддршка во нападот се Давор Крстески, Тео Радуловиќ и Борјан Вељановски, кои досега имаат запишано по 10 погодоци.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Вардар ќе се одигра в недела со почеток од 13:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Правдата на овој дуел ќе ја делат судиите Љубомир Ќулумовски и Стефан Ковачевски, додека делегат на мечот ќе биде Саше Јанкуловски.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе