Јуниорскиот репрезентативец на Македонија, Марко Луканоски, продолжува да реди успеси во дресот на Игокеа. На завршниот Ф4 турнир во јуниорската конкуренција на Република Српска, кој се одржа во Лакташи, неговата екипа убедливо ја совлада Дрина Принцип со резултат 92:46 и го освои шампионскиот трофеј.
Ова е веќе трет трофеј за Луканоски со тимот од Лакташи сезонава. Претходно, заедно со Игокеа се закити со титулата во прволигашката конкуренција на Република Српска, како и со трофејот на престижниот меѓународен турнир „Трофеј Белград“.
Луканоски, кој важи за еден од најперспективните македонски кошаркари од својата генерација, минатата година остави силен впечаток. Со јуниорската репрезентација на Македонија го освои златниот медал на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Скопје, а притоа беше избран и во идеалната петорка на турнирот.
Минатата година, покрај блескавото издание на континенталниот собир, Луканоски стана јуниорски шампион на Македонија со Вардар и беше избран за МВП.