Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре против Фуксе Берлин ќе го одигра вториот сезонски натпревар во Лигата на шампионите. Битолчани се свесни за силата на бундеслигашот, но како најголем адут ќе ја имаат публиката во спортската сала „Боро Чурлевски“. Еден од најискусните во таборот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски, ги сподели своите очекувања за натпреварот со германскиот вицепрвак.
,,Го очекуваме вицешампионот на Германија, еден од најсилните тимови во Европа, а за нас овој натпревар ќе биде нова шанса за докажување. Ни претстои прв натпревар на домашен терен, очекуваме полни трибини и голема поддршка од навивачката група „Чкембари“. Со нив ќе се обидеме да го оствариме она што не успеавме на првиот натпревар против ПСЖ”, изјави Митревски.
Тренерот Бранислав Ангеловски се надева на полни трибини и позитивен резултат против еден од најдобрите европски клубови.
,,Сакам трибините за овој натпревар да бидат полни и сигурен сум дека со нашиот осми играч можеме да повториме уште еден добар натпревар како тој во Париз, се надевам на поволен резултат, а тоа е победа”, вели стратегот на битолчани.
Пелистерци нема да бидат комплетни на натпреварот со бундеслигашот, ќе недостасува десниот бек Усама Хосни.