Екипата на Астибо на гостувањето во Битола кај Пелистер славеше со 29:18 во натпревар од 24. коло од Супер лигата во женска конкуренција.
Во спортската сала „Боро Чурлевски“ најефикасна беше искусната Марија Анчева, која беше прва ударна игла на победничката екипа.
Астибо со победата во Битола обезбеди опстанок во најквалитетното женско сениорско натпреварување, а Анчева смета дека клубот направил голем исчекор оваа сезона.
„За нас најважно беше да го обезбедиме опстанокот во Супер лигата и навистина сме среќни што ја остваривме поставената цел. Горда сум на борбеноста, дисциплината и желбата што девојките ја покажуваа во текот на целата сезона, особено во најважните натпревари. Секако, секогаш има простор за напредок, но сметам дека ова е голем чекор напред за клубот и добра основа за иднината“, вели Анчева.
Најдобриот стрелец во лигата верува дека штипскиот тим во следната сезона може дополнително да напредува и да биде уште поконкурентен на домашната сцена, но и да се вмеша во борбата за излез во Европа.
„Следната сезона повторно ќе се натпреваруваме со најдобрите екипи во државата, што за нас претставува дополнителен мотив и предизвик. Верувам дека ЖРК Астибо има потенцијал постепено да расте, да стане уште поконкурентен и да се вмеша во борбата за повисок пласман, секако и да излезе во Европа и да игра со европски клубови. Штипската публика уште еднаш покажа дека знае да го препознае трудот и искрено ни значеше поддршката што ја добивавме во текот на сезоната. Се надевам дека следната година салата ќе биде уште поисполнета и дека заедно ќе продолжиме да пишуваме убави спортски приказни“, заврши Анчева.
До крајот на сезоната преостануваат уште четири кола. Штипскиот тим моментално се наоѓа на 6. позиција со 15 освоени бодови.