На четири кола пред крајот од младинската машка лига, тимот на Мулти Есенс, со победата на домашен терен против Бутел од 31:27 (15:12), го осигура првото место и трета година по ред е шампион во младинска конкуренција.
Во оваа сезона кај младинците се играше регуларен дел, а потоа најдобрите шест екипи се преселија во плеј-офот, додека тимовите кои завршија од 7. до 10. место настапуваат во плеј-аутот.
Мулти Есенс, кој минатата сезона титулата ја одбрани со победата над Еурофарм Пелистер на Ф4 турнирот, направи недостижна предност и сега има 46 бода. На табелата, со 32 бода и натпревар помалку, се наоѓа Еурофарм Пелистер 2. Битолчани, заедно со Пролет и Бутел, до самиот крај ќе се борат за вицешампионското место во младинската лига.
На денешниот натпревар во Автокоманда, најрасположени во победничката екипа беа Дарјан Ѓоќески со седум и Марин Крстевски со шест погодоци, пет постигна постигна Матеј Тевдоски, а четири додаде Бобан Поповски.
Кај Бутел, Давид Јаневски и Христијан Гурмешевиќ беа најефикасни со по седум погодоци.