Еден од најголемите таленти на Балканот доаѓа во Македонија?

548

Еден од најголемите таленти на Балканот би можел следната сезона да настапува во македонската Супер лига. Според шпекулациите во ракометните кулоари, за најдобриот стрелец од минатата сезона во Европскиот Куп, Диано Ќешко, наводно постои сериозен интерес од Еурофарм Пелистер.

Битолчани денеска го потврдија ангажманот на легендарниот Лино Червар, а Ќешко, кој важи за еден од најталентираните леви бекови на Балканот и голема надеж на хрватскиот ракомет, би можел да биде едно од засилувањата за новата сезона.

Младиот ракометар потекнува од школата на Извиѓач, клуб со кој оствари големи  успеси на домашна и европска сцена. Минатата сезона Ќешко беше најдобар стрелец во Европскиот Куп со 79 погодоци, натпреварување кое го освои Алкалоид.

Неговиот Извиѓач тогаш беше елиминиран во полуфиналето од АЕК Атина. И оваа сезона тимот од БиХ застана на чекор до финалето, откако во полуфиналето на пенали беше елиминиран од Татабања. Доколку Извиѓач успееше да ја мине унгарската екипа, во финалето ќе се соочеше со Охрид.

Иако Загреб уште во јануари објави дека од следната сезона во редовите на хрватскиот шампион ќе пристигнат Златко Раужан и Диано Ќешко, засега сè уште нема официјален потпис меѓу двете страни. Токму поради тоа, по завршувањето на сезоната, талентираниот лев бек ќе биде слободен играч и интерес за него има од повеќе клубови.

Во објавата на Загреб, спортскиот директор Дамир Бичаниќ посочи дека Ќешко е „можеби и најталентираниот лев бек што Хрватска го има во моментов“, со што дополнително беше потврдена репутацијата што младиот ракометар ја гради на европската сцена.

Дали ќе заврши во Битола, ќе се пресели во Загреб или можеби ќе остане во Извиѓач, останува да видиме во наредниот период.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT