Екипата на Стружанка со победа ја заврши натпреварувачката сезона во Првата лига, исто како што тоа беше случај и во кадетска конкуренција.
Стружанка во последното коло гостуваше во Скопје кај Шампион и без многу проблеми дојде до убедлив триумф од 41:15.
Тимот од Струга сезонава може да се пофали и со една од најдобрите млади ракометарки во прволигашката конкуренција и младинските категории.
Талентираната Еџе Сејадин ја заврши сезоната во Првата лига како втор најдобар стрелец со 164 погодоци на 21 одигран натпревар, додека во кадетската лига целосно доминираше со 86 погодоци на седум средби.
Тоа значи дека Сејадин на вкупно 28 натпревари сезонава постигна импресивни 250 погодоци, потврдувајќи дека станува збор за една од најперспективните млади ракометарки во нашата држава.