Екипата на Младост од Богданци во баражот против Струга за место во Супер лигата ќе биде засилена со двајца искусни ракометари.
Станува збор за левиот бек од Црна Гора, Богдан Николиќ, кој во својата кариера има настапувано и во македонската Супер лига, како и за српскиот голман Живојин Илиќ.
Николиќ е добро познат на македонската ракометна јавност, бидејќи во минатото ги бранеше боите на Пелистер, Струга и Бутел Скопје.
Младост сезоната во Првата лига ја заврши на второто место и преку бараж ќе се обиде да обезбеди пласман во елитното друштво, односно да направи кам-бек, додека Струга беше претпоследнопласирана во суперлигашкиот плеј-аут и ќе се обиде да остане меѓу најдобрите.
Суперлигашкиот бараж меѓу Младост и Струга ќе се одигра на 3 јуни во спортската сала „25 Мај“ во Радовиш, со почеток од 19:30 часот.